Македонската јавност е потресена од вчерашната трагедија во Кочани која однесе 59 млади животи. Силно трогнат од ужасот кој ја потресе Македонија, секако е и легендата на македонскиот фудбал Дарко Панчев кој, низ овие траорни мигови, покрена иницијатива за два пријателски натпревари со хуманитарни цели кои ќе одат за помош на семејствата од настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Легендарната „Кобра“, синоќа имал разговори со генералниот директор на Црвена Звезда, Звездан Терзиќ еден од најдобрите клубови од Југоисточна Европа да гостува во Скопје на пријателски натпревар со Вардар од кој целокупниот приход ќе оди за помош на семејствата на настраданите и во сеќавање на сите жртви од трагичната несреќа.
„Најпрво сакам да искажам најискрено сочувство до сите семејства за трагичната загуба во оваа ужасна трагедија, но и силна верба и надеж за сите повредени дека на крај ќе се вратат во своите домови, кај своите семејства. Огромна е болката која ја чувствува секој еден од нас во Македонија. Како мал момент од нас, спортските лица, пак, низ разговор со моите пријатели, актуелни водечки лица во Црвена Звезда и српската репрезентација покренав идеја за одигрување пријателски натпревари во Македонија. Разговарав со генералниот директор на Звезда, Звездан Терзиќ да оствари комуникација со раководството на Вардар и Црвена Звезда во Скопје да одигра пријателски натпревар со нашиот најтрофеен клуб. На мое задоволство, Терзиќ одговори дека секако е подготвен да воспостави комуникација со челниците на Вардар, а според првичните разговори на Ц. Звезда и одговара датумот 16. април, но останува клубовите да се договорат за термин. Истата идеја ја разговарав и со селекторот на Србија, Драган Стојковиќ, и Пикси искажа подготвеност оваа идеја да ја сподели во ФСС и да оствари контакт со ФФМ и македонската репрезентација за да се одигра хуманитарен натпревар меѓу Македонија и Србија“ – вели Дарко Панчев за ЕКИПА, притоа истакнувајќи задоволство за разбирањето и подготвеноста и на Звездан Терзиќ и на Драган Стојковиќ за овој хуманитарен чин.
„Со прифаќањето на идејата и двајцата покажуваат големина. Се надевам дека ќе им овозможиме на бројните навивачи, и Црвена Звезда и српската репрезентација да го посетат Скопје и на овој начин да се обидеме малку да им ги олесниме раните на членовите на семејството во оваа страшна трагедија, и на овој начин“ – вели најголемата легенда на македонскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА