ДАРКО ПАНЧЕВ пред новата фаза од ЛШ: Не знаеме што се случува внатре во Сити, но факт е дека Реал нема така лесно да мине како што се очекува

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, за ЕКИПА, со анализа за се што го очекува фудбалскиот свет во елиминациската фаза од Лигата на шампионите која стартува денеска
============================================================

Пред да го насочиме погледот кон тоа што не очекува низ елиминациската фаза од најатрактивното европско клупско натпреварување, мал осврт и на настапот на единствените две балкански екипи кои сезонава беа дел од новиот формат на Лигата на шампионите, како, еден вид, регионални претставници во елитниот европски фудбал. Балканот беше претставуван само од две екипи од поранешните ју-простори. И Црвена Звезда и Динамо Загреб воопшто не разочараа со своите настапи, покажувајќи дека и во регионот се игра добар фудбал, и дека и нашите екипи од Балканот може да напредуваат и да остваруваат солидни резултати во Европа.

Црвена Звезда имаше натпревари кои ги одигра навистина одлично, но имаше и дуели кога навистина се доведуваа до ситуации за наивни голови, заокружувајќи со високи порази кои не соодејствуваа со она што се случуваше на теренот. Но, сето тоа носи искуство и поуки за некои следни предизвици. Сепак, тоа е екипа која се гради постојано со доста чести промени на играчи и веројатно недостасува искуство за едни вакви големи натпреварувања. Иако, според мене, согласно играта која ја пружи требаше да има повеќе бодови отколку што на крај освои. Недостасуваше малку среќа, а, според мене, Црвена Звезда имаше и потешки противници при ждрепката во однос, пак, на вториот претставник од балканските простори Динамо Загреб. Хрватскиот шампион беше на чекор од влез во елиминациската фаза. И мора да се искаже навистина признание за константноста на тимот на Динамо Загреб кој веќе е навистина признат во Европа, имаат изграден тим кој им носи позитивни резултати. Не треба да се разочаруваат затоа што имаа навистина успешна сезона, на крај победувајќи го и повеќекратниот европски шампион Милан. Целокупното стекнато искуство од оваа сезона треба убаво да го искористат за сите свои следни европски предизвици во иднина.

===================================================

А, што се однесува до елиминациската фаза и денешните четири натпревар од шеснаестфиналето, без сомнение, не очекуваат повеќе од интересни дуели кои и тоа како привлекуваат внимание.

БРЕСТ – ПСЖ

Брест е дефинитивно можеби најголемото изненадување оваа сезона во Лигата на шампионите. Можеби не толку со играта, но резултатски погледнато, иако е јасно дека ПСЖ е голем фаворит во меѓусебната француска пресметка. Две екипи кои добро се познаваат меѓу себе, и согласно сите очекувања и фудбалска логика, ПСЖ би требало лесно да обезбеди осминафинале. Но, фудбалот секогаш е интересен токму затоа што и многу често се случуваат непредвидливи изненадувања.

ЈУВЕНТУС – ПСВ АЈНДХОВЕН

За натпреварот меѓу Јувентус и ПСВ Ајндхвен, со оглед на тежината на клубовите, Јувентус ја носи фаворитската улога, но мора да се нагласи дека „Старата дама“ игра навистина променливо сезонава. Не е на нивото на кое сме се научиле да го гледаме во однос на претходните години, но и генерално согласно реномето на клубот. Па, ПСВ сигурно ќе бара своја шанса, екипа која има свој квалитет со класичен холандски фудбал, која и тоа како може да парира на актуелниот Јувентус иако Италијанците отворено се фаворити во оваа пресметка.

МАНЧЕСТЕР СИТИ – РЕАЛ МАДРИД

Без сомнение, најинтересната средба не само во оваа елиминациска фаза од Лигата на шампионите, но и воопшто во најквалитетното европско клупско натпреварување. Изненадување е две вакви екипи да се најдат во оваа елиминациска фаза, но двата тима воопшто не пружија игри во првата фаза согласно своето реноме, и тоа ги доведе до шеснаестфиналето каде, пак, уште ждрепката сакаше да играат и меѓу себе. Според моменталната форма на двете екипи, Реал Мадрид ја носи фаворитската улога затоа што Сити се наоѓа во една специфична состојба која трае подолго време. Ете, дури и на вакви екипи со милијарди буџет, водена од еден од најдобрите тренери во последниве 20 години во фудбалот, може да им се случи да се доведат до една ваква состојба. Таа состојба воопшто не е поради некаков неквалитет на тимот, но проблемот е малку подлабок кој ние не можеме прецизно да го коментираме затоа што не ги знаеме деталите околу сите внатрешни случувања во клубот. Во секој случај, ќе биде натпревар за уживање и верувам крајно неизвесен, секако со мала предност за Реал Мадрид.

СПОРТИНГ – БОРУСИЈА ДОРТМУНД

Околу пресметката меѓу Спортинг и Борусија Дортмунд, факт е дека португалскиот тим е во подобра форма, наспроти Германците кои сезонава се далеку од нивото кое го посакуваат нивните навивачи а на кое се навикнати и љубителите на фудбалот. Но, низ едни вакви дуели, во кои не може предвреме да се отпише ниту еден од тимовите никогаш ништо не се знае. Спортинг има веќе трета година константна форма, се работи за цврста, воиграна екипа која знае што сака на теренот, и факт е дека сега имаат предност која ги носи поблиску до осминафиналето.

Се вчитува...