Македонскиот фудбал денеска неочекувано остана без една од најголемите свои легенди, Васил Рингов – човекот кој го прослави вардаровиот дрес токму во годините на незаборавната шампионска генерација од осумдесеттите години на минатиот век.
Васе Рингов, засекогаш ќе остане запаметен како едната половина од најпознатата двојка во историјата на Вардар, заедно со Дарко Панчев како незаборавна целина во офанзивниот црвено-црн дрес.
Дарко, денеска, крајно емотивно ја прими веста за смртта на, како што вели, неговиот голем пријател од младоста но и до ден денешен, Васе Рингов, кој засекогаш ќе остане длабоко во срцето на секој вардаров навивач.
„Васе, не е фер… Се уште некако не можам да верувам. Не напушти прерано. Се договаравме за четврток на онаа наша вообичаена предновогодишна вардарова дружба заедно со Томче, Пепи, Мето, Драган…, а сега остана само празнина. Ќе ни недостастуваш, ќе има голема празнина во нашите седенки, нашите спортски муабети, нашите досетки, нашите прераскажувања анегдоти“ – вели Дарко Панчев во својата емотивна порака за збогум од својот Васе и дополнува:

„Беше еден од најдобрите напаѓачи во осумдесеттите години во екс-ју лигата. Заедно со тебе во Вардар бевме и веројатно најопасен и најдобар тандем во еден период. Не напушти, но зад себе остави длабока фудбалска трага и огромно спортско богатство за Македонија. Нека ти е лесна земја, а вечна слава секако имаш“.

Васил Рингов минатата година беше и промотор на автобиографската книга на Дарко Панчев, и тогаш заедно, како во многу случаи претходно, забавувајќи ги сите присутни на својата промоција со бројните заеднички анегдоти од времето на славните вардарови времиња.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

