ДАРКО ПАНЧЕВ за денешните дуели од ЛШ: Баерн е апсолутен фаворит, на Милан ќе му е тешко затоа што на терен не играат името и традицијата!

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, за ЕКИПА, со анализа за се што го очекува фудбалскиот свет во елиминациската фаза од Лигата на шампионите која стартува денеска
============================================================

БРИЖ – АТАЛАНТА
Фудбалски гледано, кога е барем Европа во прашање, Бриж е веројатно поискусна екипа наспроти Аталанта која нема такво европско педигре. Но, Аталанта последниве години, ако не најдобра, тогаш сигурно е една од екипите кои играат најдобар фудбал во Италија, сето тоа демонстрирајќи го и на европската сцена. Токму заради тоа, според мене, Аталанта е апсолутен фаворит во оваа пресметка за пласман во осминафиналето, иако Белгијците ќе ги бараат своите шанси за изненадување.

МОНАКО – БЕНФИКА
Според квалитетот, една релативно израмнета двојка иако Бенфика е едно големо фудбалско име, освојувач на Лига шампионите, клуб со огромна европска традиција сето тоа покажувајќи го и со неодамнешната победа против Јувентус во Торино. Токму поради тоа носи мала предност во оваа пресметка, иако повторно нагласувам дека ова се екипи со израмнет квалитет и сигурно двомечот ќе донесе максимална неизвесност.

СЕЛТИК – БАЕРН МИНХЕН
Селтик е една од екипите која изненади со пласманот во оваа нокаут фаза од Лигата на шампионите, иако според квалитет сигурно имаше и подобри екипи од нив. Но, сосема заслужено дојдоа до тука. И веројатно ќе биде до тука! Затоа што Баерн Минхен си е Баерн Минхен и не треба посебно да се трошат зборови за баварскиот гигант. Добро ја знаеме сите моќта на Баерн Минхен, и јасно е дека тука Германците се апсолутни фаворити и не би требало да има некое изненадување.

ФЕЕНОРД – МИЛАН
Ова е најинтересниот натпревар на денот. Интересен затоа што, според мене, ниту една од екипите во овој момент не може да има некоја нагласена предност. Секако, Милан е гигант во однос на Феенорд, без желба за никакво потценување на Холанѓаните бидејќи се работи за екипа со голем број европски трофеи, извонредна традиција и феноменални навивачи. Феенорд го победи и Баерн Минхен пред своите навивачи, што беше едно вистинско изненадување, но тоа кажува дека ниту најмалку не може предвреме да се отпише. Па, во овој момент и Холанѓаните ќе ја бараат својата шанса, затоа што Милан игра нестабилно и не може да се каже дека ја носи апсолутната фаворитска улога. Да, Милан, поради својата традиција и големина, носи мала предност, но на терен не играат ниту името, ниту традицијата.

Се вчитува...