Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, ексклузивно за ЕКИПА од денеска па до 14. јули со постојани анализи од стручен аспект за што ќе се случува на ЕВРО 2024. Златната копачка на Европа за 1991 година и освојувач на европската шампионска титула, како и секогаш отворено, од еден поинаков агол за сите најинтересни моменти од Германија.
=====================================================================
Пред да ги прокоментираме осминафиналните пресметки на Европското првенство 2024, би сакал некако неизбежно малку и на темата – ВАР систем. Затоа што, ете баш неколку примери во осминафиналните мечеви како пеналите за Португалија и Германија, но и оние милиметарски офсајд-позиции, потвторно наметнаа многу полемики околу вистинскиот начин на искористување на предностите кои ги носи тој систем.
Од фудбалски аспект, бидејќи јас играв во време кога немаше ВАР, мислам дека во одредена мера, пред се, го „умртвува“ фудбалот и затоа, во секој случај, генерално сум против него. На моменти и тоа како претставува пречка која сериозно влијае на активниот интензитет на самата игра. Затоа што има моменти кога играта се подигнува квалитативно, играчите достигнуваат висок интензитет, и одеднаш доаѓа некој таков повеќеминутен прекин на неизвесност, очекување, пауза… која ве враќа од почеток. Многу добро како фудбалер знам што значи за играчот еден така долг прекин среде натпревар. Според мене, одлично решение во секој случај е електронскиот чип во топката кој регистрира дали има гол или не, во ситуации кога тоа не е најасно. Тоа му е навистина потребно на фудбалот заради фер-плејот и затоа што се знае дека тоа е нешто прецизно при кое нема грешка. Но, ВАР системот во ваква форма, искрено, не знам дали е неопходен.
Јас, сепак, би оставил судиите, без никаква помош на технологијата, да ги носат одлуките. Па, на крајот на краиштата, човекот е несовршено суштество, и во тоа е неговата убавина. Фудбалот е несовршена игра, играчите се несовршени и убавината на спортот е и во нивните грешки, аномалии и непрецизности. Па, зошто од судиите и судењето би се барало да нема грешка. Нека се остави, се разбира со силни контроли од надлежните институции кој од нив е квалитетен а кој не, на нивната совест, чесност, квалитет и знаење. Живееме во несовршен свет. Па зошто тогаш од фудбалот би се барало да биде совршен. ВАР системот е донесен заради некакво совршенство и прецизност, а ете дури и на вака големите светски натпреварувања секој ден имаме примери дека, всушност, и воопшто не е совршен.
Англија ако продолжи вака ќе биде елиминирана од Швајцарија, испаѓањето на Италија воопшто не е изненадување!
Фудбалската возбуда, во секој случај, се зголеми со самото тоа што веќе влеговме во фазата на елиминациски натпревари. Гледавме навистина и возбудливи натпревари, но и натпревари кои воопшто не беа на нивото на осминафинале на европски шампионат. Првите фаворити за трофејот Франција и Англија, и натаму не се на нивото кое го очекувавме од нив. Англија, без сомнение е поквалитетна репрезентација од Словачка, но ако се погледнат сите досега натпревари на Англичаните на првенството јасно е дека одиграа далеку под очекувањата. Мислам дека, ако си го запазат досегашниот начин на игра, лесно ќе бидат елиминирани од Швајцарија во четвртфиналето.
За жал, екипата која играше најдобар фудбал во групната фаза, заедно со Шпанија, селекцијата на Австрија не се пласираше понатаму иако се чини беше и подобар противник на теренот од Турција. Тоа можеби беше и најквалитетниот натпревар од осминафиналето, кој вреди да се одбележи.
Интересно е што Словенија испадна од ЕВРО 2024 а без ниту еден пораз, со сите четири нерешени резултати. Португалија беше надмоќна, но се чини како да нема завршен потенцијал, одлично неутрализирана од дисциплинираните и борбени Словенци. Словенија, една земја која во поранешна Југославија беше препознатлива само по зимските спортови, сега покажа дека е најдобра од сите оние екс-ју земји. Секоја чест за нив, иако не демонстрираа некоја атрактивна игра, но пред се борба, цврстина и тактичка дисциплина. Навистина за пофалба е се она кое што го покажаа на првенството.
Според многумина, четвртфиналната пресметка Германија – Шпанија сигурно е финале пред финалето. Навистина штета што двете селекции кои најмногу покажаа досега во оваа фаза се среќаваат меѓу себе.
Италија никогаш не ја сместував меѓу фаворитите на првенството, затоа што јас и пред три години во анализите за ЕВРО 2020 истакнав дека навистина е чудо како една екипа кој не демонстрира ништо фудбалско на терен успеа да биде европски шампион. Но, тие се секогаш таков тим. Знаат добра да се адаптираат на турнирски систем, тактичари се и со многу среќа доаѓаат до резултатите. Всушност сега тие требаше да бидат елиминирани и од Хрватска, но со многу среќа дојдоа до тој гол кој ги однесе во осминафиналето. Затоа, за мене, воопшто не е никакво изненадување нивното испаѓање.
Како и да е, сега не очекуваат навистина интересни четвртфинални пресметки. Првиот дел од костурот е навистина квалитетен. Шпанија против домаќинот Германија, и Франција против Португалија. Тоа се всушност селекциите кои беа и претходно истакнувани како најголеми фаворити за трофејот, а сега две од нив ќе испаднат уште во четвртфиналето. А, во вториот дел од костурот, каде што е Англија, реално се оние, на хартија, полесните противници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА