ДАРКО ПАНЧЕВ за ЕКИПА со анализи на ЕВРО 2024: Франција и Англија кон финале, Пикси е фудбалска лисица која секогаш знае да изненади!

Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, ексклузивно за ЕКИПА од денеска па до 14. јули со постојани анализи од стручен аспект за што ќе се случува на ЕВРО 2024. Златната копачка на Европа за 1991 година и освојувач на европската шампионска титула, како и секогаш отворено, од еден поинаков агол за сите најинтересни моменти од Германија.

=====================================================================

Започнува фудбалското „лудило“ кое, без сомнение, го принудува светот да запре со споредните активности, барем за момент. Собирот на најдобрите на Стариот континент не носи и нас во Македонија да запреме малку фудбалски, па целото внимание да го насочиме кон Европа. Иако, да бидеме реални, и ние и онака фудбалски не сме нешто премногу раздвижени.

Како и да е, кога како генерален заклучок би можеле да изведеме какво првенство може да очекуваме, јасно е дека крајно релативно е каков тек ќе добие шампионатот затоа што овие големи натпреварувања секогаш доаѓаат по една напорна сезона за секој од тие врвни фудбалери, а која во модерниот фудбал во една голема мера ги исцрпува најдобрите. Затоа прашање е колку токму оние најдобрите од кои очекуваме најмногу, а и од кои ќе зависи играта на целиот тим, ќе бидат мотивирани и свежи за да пружат изданија на врвно ниво. Верувам дека ќе има врвни натпревари, но сигурен сум дека ќе има и натпревари без многу атракција но со тактичко надмудрување во интерес на резултатот, посебно низ групната фаза кога секој бод е важен. Во секој случај, верувам дека ќе бидеме сведоци на едно квалитетно Европско првенство, без разлика на тоа што веќе модерните времиња и големите светски организации наметнуваат огромен број натпревари за играчите во една сезона, огромни пари се во прашање, исцрпувачки ритам низ кој за да се дојде до успехот пред се пресудува, на крај, поголемиот мотив.

Франција, Англија, Германија и Португалија по титулата…, не може да се случи Грција од 2004 година

Не очекувам некое изненадување, во однос на тоа кои селекции се најблиску до освојување на трофејот. Најголеми фаворити остануваат селекциите од онаа голема четворка која ја издвојуваме секогаш, Франција, Англија, секако Германија сега и со домашна поддршка, и Португалија која има навистина квалитетна селекција со одлични играчи. Веднаш до нив се една Холандија на која и требаше неколку години да изгради нова генерација, па сега повторно се враќа во битка за врвот, не смее да се исклучи ниту Италија кои никогаш не може да се отпишат затоа што се тактичари, кои знаат да играат вакви турнири без некое тежнеење за убав, допадлив фудбал, но исклучиво на резултат. И тука е и Хрватска, со што се добива онаа бројка за место во четвртфинале. Но, на крај, се ќе зависи од тоа која од нив ќе има повеќе мотивирани и одморни играчи за дострелот кој го планираат.

Кога би предвидувале одредени изненадувања на шампионатот, секогаш се сеќаваме на 2004 година кога Грција со освојувањето на европската титула го приреди, сигурно, најголемото изненадување во историјата на големите светски натпреварувања. Селектор беше Германецот Ото Рехагел, Грците играа исклучително неатрактивен фудбал, само на резултат, со минимален број голови на секој натпревар. Но, видовме дека потоа никогаш не се повторија такви изненадувања, и не верувам дека ќе ги има и на ова европско првенство. Иако, не е никаква тајна дека фудбалот е игра која дозволува и послабиот тим на терен секогаш, со малку среќа и малку посериозна организациски поставена одбрана, да дојде до успех. Но, такво изненадување какво што приредија Грците тогаш не верувам дека ќе се случи.

ЕВРО 2024 ќе биде во знакот на големите млади таленти кои веќе се етаблирани во своите клубови, и носители на игра на клупско ниво. Може да се издвојат на листата на стрелци и поискусните, како Роналдо, Левандовски, Милер…, но годините веќе си го прават своето и не верувам дека ќе може да ги засенат помладите.

Хрватска е веќе етаблирана…, зошто Албанија да не биде изненадување на турнирот!?

Кога би ги анализирале до нас блиските репрезентации од екс-ју просторот и Балканот, како Србија, Словенија, Хрватска, Албанија…, јасно е дека за Хрватска веќе воопшто не се поставува прашањето дали може да дојде до елиминациската фаза на шампионатот. Таа е веќе етаблирана селекција која ужива голем респект на светско ниво, и сега веќе се поставува само прашањето дали може да дојдат до полуфинале или не. Кога станува збор за Албанија, иако искрено не ја познаваме добро нивната селекција, и тоа како гледаме дека албанскиот фудбал, па дури и на клупско ниво, е во извесен подем што се рефлектира и на националниот тим. Албанија има одлични индивидуалци кои се посветени на фудбалот и напорно работат за своите амбиции. Тоа го гледаме и преку албанските фудбалери кои играат во нашето првенство, и клубовите како Шкендија, Шкупи, Струга ТЛ, Гостивар кои силно вложуваат во фудбалот. Сето тоа носи резултат. И зошто да не? Албанија зошто да не биде изненадување на првенството!?

Често сум на релација со Пикси, искрено посакувам конечно со Србија да покаже да се подготвени за големи резултати!

Што се однесува, пак, до Србија, тие имаат сосема обратен проблем. Постојано на секое големо натпреварување одат со големи амбиции, и со ѕвезди во тимот, и со квалитетен тим, но секогаш наидуваат на проблеми кога треба да се функционира како тим и да го покажат тоа свое фудбалско знаење токму тогаш кога треба за да се дојде до поголеми резултати. Затоа многу е тешко да се прогнозира како Србија сега ќе помине и на ова Европско првенство. На последното Светско првенство 2022, очекувањата беа дека ќе бидат на едно високо ниво, но на крај доживеаја неуспех. Сега имаат група во која секако може да обезбедат осминафинале. Англија е апсолутен фаворит, но со Словенија и со Данска, Србите како репрезентација и како индивидуален квалитет апсолутно може да се носат, и тоа не е спорно, но само од нив ќе зависи!

Не е тајна, дека од актуелните селектори кои се на ова Европско првенство во контакт сум со неколку од нив, се разбира пред се од регионалните репрезентации, но најчеста е комуникацијата со Драган Стојковиќ – Пикси, со кого и заедно ја делевме соблекувалната. Не ретко го споделувам и моето мислење со него околу тоа што не ми се допаѓа во српската репрезентација, но јасно тешко е да му кажуваш нешто на човек кој знае се во фудбалот. Пикси е една фудбалска лисица, човек од фудбалот кој е еден од најголемите играчи во својата генереција во светот, а има зад себе и успешна тренерска кариера. Србија двапати едноподруго под негова палка е на големо натпреварување, и тоа доволно зборува за неговиот резултат . Но, мислам дека и тој лично не е задоволен од некои игри на националниот тим, затоа што како голем играч сигурен сум дека секогаш размислува за нешто повеќе. И така треба да биде. Јас навистина од срце на Пикси му посакувам успех, и искрено би сакал веќе еднаш да му покажат на светот дека имаат и играчи и тим за големи резултати. Да се надеваме дека ќе биде така, за сите овие селекции кои доаѓаат од нашите поранешни заеднички екс-ју простори!

Се вчитува...