Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, ексклузивно за ЕКИПА од денеска па до 14. јули со постојани анализи од стручен аспект за што ќе се случува на ЕВРО 2024. Златната копачка на Европа за 1991 година и освојувач на европската шампионска титула, како и секогаш отворено, од еден поинаков агол за сите најинтересни моменти од Германија.
=====================================================================
Фаворитите според планот, иако очигледно и тактизираат на почетокот
Фаворитите почнаа според планот. Германија во преден план навистина потврди дека секогаш ги игра на највисоко ниво големите натпреварувања, и таа само дополнително стави потпис на фаворитската улога на шампионатот. Португалија одигра навистина еден тежок натпревар, но успеа со својот квалитет да стигне до пресврт што е секогаш тешко, без разлика за каква репрезентација се работи. Англија и Франција минаа, исто така, низ едни тешки натпревари. Токму поради тоа што нивните ѕвезди доаѓаат по една напорна сезона, очигледно е дека откако ќе поведат тактички ја „смируваат топката“ со намалено темпо, сакајќи веројатно и со сочувани сили да го продолжат турнирот. Иако тоа можеше да биде „меч со две острици“, па лесно и да им се освети, посебно на Англичаните затоа што Србија доминираше во второто полувреме, ги принуди да се бранат и лесно можеше да израмни. Како и да е, фаворитите се тие, а се ќе зависи од течението на нивната форма до крајот на првенството.
Албанија и Романија се позитивни приказни од Балканот
Кога би ги погледнале селекциите од балканските простори, Словенија одигра стандарден натпревар согласно нивната традиција, меч со многу трка и борбеност, без многу атракција и фантазија во играта. Тие се секогаш максимално дисциплинирани, со германски систем на размислување и тоа ете им носи резултат. Мора да се нагласи дека Албанија остави навистина солиден впечаток, и против актуелниот европски шампион Италија уште еднаш потврдија дека се во еден фудбалски подем, и навистина се еден позитивен момент од Балканот, како и Романија која изминативе години беа во еден пад, сега повторно на најдобар начин се враќаат на европската сцена. Одлична победа на Романците против Украина која исто така оддава позитивни вибрации за балканскиот фудбал.
Од Хрватска очекувавме многу повеќе, посебно затоа што на последните две големи натпреварувања беа високопласирани. Од друга страна, малку кој очекуваше така лесна и убедлива победа на Шпанија, посебно затоа што последните неколку години мина низ одредени промени во националниот тим. Но, ете затоа фудбалот е така интересен. Тоа, пак, не значи дека Хрватска нема да се врати на патеките на кои сме навикнале да ја гледаме и да се пласира во следната фаза натпревари.
Тадиќ имаше момент на слабост, ниту еден Меси досега во кариерата не изјавил дека е најдобар!
Србија, пак, имаше убедливо најтежок противник во името на првиот фаворит за освојување на трофејот, Англија. Првите 20 минути беа навистина лоши за Србија. Погледнато во тој момент мислев дека ако така продолжат ќе доживеат дебакл, но како одминуваше натпреварот играа се подобро и посигурно, па на крај да бидат и опасни по водството на Англичаните. Кога се ќе се сумира, на крај, тоа беше една добра увертира во ова првенство која најавува дека Србите може низ следните два натпревари да дојдат до својата цел на шампионатот, а тоа е пласманот во 1/16-финалето на ЕВРО 2024.
Не сакам многу да навлегувам околу тоа што се случуваше по мечот и реакцијата и таа непромислена изјава на капитенот Душан Тадиќ, но мислам дека сите се едногласни дека не е начин еден фудбалер и професионалец од тој ранг така да реагира, посебно со нагласувањето дека ‘тој е најдобриот во репрезентацијата’. Замислете, да бидеме реални, и еден Лионел Меси цели 15 години во Барселона не го слушнавме да каже дека е најдобриот играч во тимот, иако сите знаеме дека беше и најдобриот фудбалер во свет. Па, мислам дека тоа е само еден мал момент на слабост кај Тадиќ, кој во суштина е одличен дечко и фудбалер, и сигурен сум дека тоа брзо се надмина во српската репрезентација и нема потреба од тоа да се прави драма. Во една таква селекција сигурен сум дека сега заедно ќе се фокусираат на следните два натпревари, не навраќајќи се повеќе на тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА