Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, ексклузивно за ЕКИПА од денеска па до 14. јули со постојани анализи од стручен аспект за што ќе се случува на ЕВРО 2024. Златната копачка на Европа за 1991 година и освојувач на европската шампионска титула, како и секогаш отворено, од еден поинаков агол за сите најинтересни моменти од Германија.
=====================================================================
Генерално, согласно очекувањата, фаворитите на ЕВРО 2024 продолжуваат во елиминациската фаза на шампионатот. Секако многу повеќе се очекуваше од едни од најголемите фаворити, Франција и Англија, но мора да признаеме дека воопшто не се играше и некој фудбал на врвно ниво. Тоа, како што и можеше да се очекува, е резултат и на заморот кај најголемите ѕвезди по долгата и напорна сезона, па затоа и не може да има преголеми замерки. Факт е дека можеби најголемото изненадување е елиминацијата на Хрватска, затоа што очекувањата беа да продолжи понатаму, но јасно е дека веќе не се во оној најтесен круг за висок пласман. Не е дека одиграа нешто страшно разочарувачки, освен со Шпанија, но ете го доживеаја „проклетството“ на фудбалот кој покажа колку може да ти одземе нешто во последните секунди. Да не заборавиме дека Хрватска примаше голови и против Албанија и против Италија во последните секунди и поради тоа не се пласираа понатаму, иако мора да бидеме објективни дека ја надиграа Италија во последното коло, и заслужија осминафинале.
Најинтересна, барем резултатски, беше групата во која беа Словачка, Романија, Белгија и Украина, па токму и таа група во која Украина со 4 освоени бода, колку и првиот на табелата, е елиминирана ги буди размислувањата околу актуелниот систем на кој се играат европските првенства.
Мислам дека УЕФА треба да размисли за менување на овој систем на натпревари, затоа што шест групи со по четири екипи, од кои три може да продолжат понатаму, почнува да ми личи како во ракометот – најпрво сите учествуваат на ЕП а потоа од шест екипи во група – пет продолжуваат понатаму, или нешто слично… Сето тоа нема логика, и го уништува натпреварувачкиот дух на еден голем настан. Затоа мислам дека и овој актуелен систем не е на ниво на фудбалот. Можеби треба да се размисли, ете ако веќе го гледаат тој комерцијален аспект кој не може да го избегнат, па нека бидат 32 селекции на Европско првенство, нека има осум групи по четири екипи и најдобрите две од секоја група да продолжат во осминафинале. Тогаш ќе се избегне барем она калкулантско последно коло од групната фаза, во кое и очекувавме дека ќе има тактички, неинтересни натпревари, со многу калкулации.
Да, од друга страна, точно е дека проширувањето на бројот на учесници на шампионатите не значи и поголем квалитет. Во нашето време имаше само четири групи по четири екипи и директно се играше четвртфинале, што значи концентриран квалитет. Сега е јасно дека сето тоа се прави заради што поголем број навивачи, ТВ-права и што повеќе финансиски средства. Јасно е дека финансисиите диктираат секаква новина. Лично многу повеќе сум да одат на најголемите спортски настани само најдобрите, но кога веќе не може да се избегнат комерцјалните потреби, а финансиите го менуваат светот тогаш, за жал, ќе се адаптираме на нив. И ако веќе мора да се адаптираме на тоа што го води светот – парите, тогаш можеби е подобар систем со 32 екипи на ЕП.
Од Србија секако се очекуваше повеќе, но ова воопшто не е катастрофа каква што се претставува… Секоја чест за Словенија, Албанија не разочара
Факт е дека може да го потврдиме тоа што го констатиравме и претходно дека фудбалот загуби малку на една креативност и убавина. Не е повеќе важно да играш убав, допадлив, фудбал, важно е да играш добар организациски фудбал, затворен, со многу трк и силна дисциплина. Тоа го покажа Словенија, која можеби е и најнеатрактивна од сите селекции од регионот но се една константност сосема заслужено продолжува понатаму.
Албанија покажа дека има еден навистина добар квалитет, покажа во одредени моменти навистина сериозни игри, но им недостасува поголем континуитет на големи натпреварување заради поголема сигурност и самодоверба кои, пак, ќе ги водат потоа кон подобри резултати. Мислам дека не разочараа, и сигурно ова ќе биде силен потстрек за понатаму.
Да бидеме реални, и покрај огромните критики во Србија, и српската репрезентација немаше некој катастрофален резултат. Имаа два нерешени исходи и еден минимален пораз. Но, мора да бидеме искрени. Од Србија, која има навистина одлични индивидуалци, очекувавме сигурно повеќе и верувавме дека има шанси за пласман во следна фаза. Но, и како во Катар, не успеаја да го демонстрираат својот индивидуален квалитет во функција на тимот. И тоа е најголемиот проблем, заедно со сите оние огромни очекувања пред шампионатот, кои потоа носат и огромни разочарувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА