Дарко Панчев: Златан е вистински Балканец…, секако сакам Ц. Звезда да го победи Милан

Едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев во интервју за „Спортклуб“ со свои впечатоци за првиот натпревар од 1/16-финалето во Лигата на Европа меѓу Црвена Звезда и Милан во Белград.

Легендата и на Црвена Звезда, дел од генерацијата која на црвено-белите им ја донесе европската шампионска титула, вели дека Милан е фаворит во пресметката но белграѓани не се без шанси и покрај тоа што на дуелот ќе недостасуваат навивачите.

„Знаеме што значи полна ‘Маракана’ за Црвена збезда, особено тоа го знае мојата генерација, која беше најгледана во историјата. Многу ми е жал што сега играчите нема да имаат поддршка од навивачите затоа што создаваат одлична атмосфера. Во мое време, тие немаа услови да прават кореографија, сега имаат и можат. И не само што гледате дека е феноменално, туку и навивањето е посебно“ – вели Панчев и дополнува:

„Се согласувам дека во последните 20 години Милан на некој начин најмногу падна, фудбалски секако. И тука гледам некаква шанса за Црвена Звезда. Сметам дека Станковиќ добро работи, има добра атмосфера и добро играат. Би бил среќен кога би победиле. Не само затоа што би победила Црвена Звезда, туку што реваншот би бил интересен, нека се тресе и Милан малку“.

Македонскиот фудбалер на векот се осврнува и на Златан Ибрахимовиќ како специфична појава во светскиот фудбал.

„Златан е голем играч, интересен тип, вистински Балканец. По што ние од Балканот се разликуваме од другите, посебно од луѓето на Запад? Тие се како восочни фигури. Го немаат тој хумор, не знаат да се шегуваат. Златан го има тоа во себе затоа што потекнува од овие простори. А од друга страна секако е феноменален играч, исклучителен стрелец. Господ исто така му дал физичка сила, висина, техника и сето тоа го користи извонредно“ – вели Панчев.

Се вчитува...