По пауза од месец дена МЗТ Скопје и Еуро Никел се вратија на паркетот во „Јане Сандански“ каде во осмото коло од Првта лига, гостинскиот состав славеше со 75-87. Енигмата на денешниот натпревар беше Дарко Соколов кој погодуваше кога е најбитно и го „реши“ својот поранешен клуб. Клучна на натпреварот беше последната четвртина во која гостите ги служеше шутот за три поени, и истата ја добија со 19-33.
Двата тима го отворија натпреварот со агресивна одбрана во која подобро се снајде Еуро Никел. Преку Соколов и Мијатовиќ, гостите направија блага предност од 5-11, меѓутоа набргу следуваше консолидирање на редовите кај „сино-белите“. Кочов на тајмаутот направи замена, во игра влезе Магдевски на местото на Николов и пронајде подобар напаѓачки ритам, во кој почна да „стрела“ капитенот Стојановски. Овој пат агресивната одбрана на гостите низ целиот терен донесе неколку лесни поени за аеродромци па следуваше смена на водството. Гостинскиот состав го контролираше скокот во првите десет минути, забележа шест скока во напад и постигна десет поени од втора шанса па до крајот на првата четвртина поведе со 20-23. Играта во серија продолжи до крајот на првото полувреме. Прв иницијативата ја превзема МЗТ Скопје кој преку шутот за три поени стигна до предност од два напада, но следеше и добра игра на гостинскиот состав кој преку Дарко Соколов одново ја зема предноста во своите раце. Аеродромци ја заврстија одбраната во вторите десет минути, го исконтролираа скокот, а успеаја и да ги искористат грешките на противникиот па на полувремето заминаа со предност од 45-41.

Играчите на двата тима не успеаја да го пренесат добриот ритам од првото полувреме во третата четвртина. Немаше течни напади и лесни поени, а благодарение на шутот за три поени, кој не го служеше кавдарчани во првите дваесет минути, Еуро Никел успеа да стигне до предност од 52-53. Аеродромци возвратија до подобра игра во рекетот и повторно поведоа минимално (56-54) по 30 минути игра. МЗТ Скопје продолжи да се мачи на почетокот на последната четвртина, а секоја грешка на домаќините го искористи гостинскиот состав кој влезе во ритам со шутот од далечина, погоди четири тројки и стигна до предност од 64-74 на две минути до крајот на натпреварот. Домаќинтие се обидоа преку Дамјан Стојановски да се вратат во резултатска неизвеност, но и покрај добриот ритам на капитенот на крајот на натпреварот, истото беше недоволно за славје против искусниот состав од Кавадарци.
Дамјан Стојановски со 26 поени и 4 скока беше лидер на МЗТ Скопје. Андрија Бојиќ натпреварот го заврши со 19 поени и 10 скока, додека Андреј Магдевски додаде 13 поени, 5 скока и 6 асистенции. Дарко Соколов со 30 поени и 6 скока ги предводеше гостите, Антон Казарновски додаде 14 поени и 9 скока, додека Данило Мијатовиќ натпреварот го заврши со 13 поени и 7 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

