Шест месеци пред истекот на договорот, Дарко Велковски може да почне преговори со други клубови уште во јануари. Има интерес, има екипи кои прашуваат за можноста да го ангажираат репрезентативниот стопер кој имаше одлични настапи и во Ријека, а пред се во националниот тим.
Велковски ги одби понудите од Грција, не оди ниту во АЕК ниту во Панатинаикос, а останува како опција лидерот во турското првенство Трабзонспор. Сега во трката влегува и шведскиот првак Малме кој, според информациите на ЕКИПА, ќе се обиде уште во јануари да го ангажира во своите редови, за новата сезона во Шведска која почнува за некој месец.
Велковски не беше во тимот на Вардар кога овој тим играше против шведскиот тим во Лигата на шампионите во 2017 година, кога скопскиот тим го елиминираше шведскиот тогаш првак, и си закажа дуел со Копенхаген. Пред извесен период за Велковски имаше интерес и од неколку германски Бундеслигаши.
Ако отиде, тогаш Велковски би можел да стане соиграч со Ердал Ракип. Оваа сезона Малме играше во групната фаза во Лигата на шампионите, каде во група со Челси, Јувентус и Зенит го освои последното место и испадна од натпреварувањето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА