Матео Дармијан не е стандарден во Манчестер јунајтед, но селекторот Вентура сепак го повика овој интернационалец во составот на Италија за претстојните дуели со Македонија и со Албанија. Воедно, Дармијан е најавен и како стартер на петочната пресметка со нашата репрезентација, на која Вентура ќе го изротира тимот и ќе им даде шанса на уште неколку фудбалери да ги покажат своите квалитети во репрезентативниот дрес. Левиот бек очекува „аѕурите“ да ја оправдаат фаворитската улога, но и порачува дека сигурно нема да го потценат нашиот состав.
„Македонија е добар тим, а мечот во Скопје ќе ни биде поука пред следниот меч во Торино. Се сеќавам на првиот натпревар, кога водевме и го контролиравме мечот, за потоа Македонците набрзина да ни дадат два гола при најмал пад на концентрацијата. Ние покажавме карактер и се вративме, освоивме значајни бодови, но свесни сме дека сега противникот знае да биде незгоден, максимално ќе бидеме подготвени за оваа средба“ – изјави Дармијан.
„Аѕурите“ настапуваа во формација 4-2-4 во досегашниот дел од квалификациите, што според најавите на Вентура овојпат ќе се промени во тактика со тројца дефанзивци во линија.
„Се обидуваме да имаме што повеќе солуции во играта, да се адаптираме на различни формации. Без оглед на тактиката, ќе излеземе на теренот и ќе дадеме се од себе за да ги добиеме овие две средби, како успешна увертира за баражите за пласман на СП“ – оптимистички е расположен бекот на Манчестер јунајтед и на италијанската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА