Боро Даскаловски имаше одлично деби на клупата на Кожув, откако новиот тренер на гевгеличани експресно ја крена екипата предводејќи ја до убедлива победа над Гостивар од 102-67. Даскаловски пред само неколку дена го презеде кормилото на Кожув по заминувањето на Алек Јончевски, а „шок-терапијата“ во овој случај беше успешна, па Кожув стигна до третата победа во десеттиот овосезонски натпревар.
Гостивар се наоѓа во криза во последно време, а лошиот тренд по минатонеделниот пораз од Академија ФМП продолжи со денешното катастрофално издание во Гевгелија. Кожув диктираше темпо од самиот почеток, домаќините ја добија првата четвртина со 26-17 и продолжија да доминираат до крајот на мечот. Сите дилеми околу победникот беа решени откако домашните кошаркари го добија третиот период со 32-16, по што последните десет минути беа само рутина за избраниците на Даскаловски.
Слејтер и Кришан со по 18 поени ги предводеа стрелците во победничкиот состав, додека Остен со 21 поен (шут од поле 10/11) беше најдобар поединец во таборот на Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА