Кошаркарите на Карпош соколи по успешната ланска сезона во која го освоија трофејот во Купот на Македонија и стигнаа до финалето во плејофот, сега се подготвени за првиот европски предизвик. „Соколите“ ќе ја претставуваат Македонија во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, a за противник ќе го имаат естонскиот првак Калев. Првиот меч се игра утре во Скопје со почеток во 17 часот, а целта на македонскиот клуб е да се стигне до триумф, па со предност да се патува на реваншот во Естонија што на програмата е в четврток. Сепак, во таборот на „соколите“ се свесни дека тоа нема да биде лесно.
„Она што е најважно за нас во моментов е да го дадеме максимумот, да одиграме квалитетен меѓународен натпревар на кој успешно ќе го претставиме нашиот клуб, но и целокупната македонска клупска кошарка. Презадоволен сум од фактот дека сите тренинзи од програмата ги спроведовме и реализиравме. Најважно е да го наметнеме нашиот стил на игра, но тоа нема да биде лесно со оглед на фактот што го поседува противникот. И за мене како тренер ова е голем предизвик како прв меѓународен натпревар, како и за голем дел од играчите, така што тоа ќе биде најголем проблем, да ги надминеме проблемите со недоволната воиграност бидејќи заедно сме само дваесетина дена“ – истакна тренерот Боро Даскаловски.
Тој има високо мислење за противникот, кој со оглед на реномето и искуството од играње во ВТБ-лигата и во европските купови во последните години.
„Имаат двајца играчи кои се суперквалитетни во играта „два на два“. Бранко Мирковиќ е одличен „пик играч“, тука е и Симонс. Навистина се силни, ќе ни биде многу тешко во дефанзива бидејќи станува збор за играчи кои имаат искуство од големи натпревари. Згора на тоа, имаат одличен шут од далечина, со исклучок на Симонс и на Ван дер Марс сите останати имаат извонреден просек на удари за три поени. Опасни се и во транзиција, тоа се нивните три клучни аспекти во играта, ако успееме да ги неутрализираме ќе можеме да се надеваме на позитивен резултат“ – вели Даскаловски.
Раководството на Карпош соколи донесе одлука влезот за овој натпревар да биде слободен, се со цел македонскиот клуб да има што поголема поддршка од трибините на премиерниот европски дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА