Даскаловски: Ќе одиме на победа на сите средби до крајот на сезоната

Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат стартот од втората полусезона, решени да го поправат впечатокот по нешто послабите игри и резултати во финишот од ланската календарска година.

„Зелено-белите“ работеа напорно во изминатиот период, се со цел во доп-ритам да го дочекаат она што следи во наредниот период, почнувајќи од неделниот натпревар со Работнички (недела, 19 часот).

„Задоволен сум од сработеното во овие подготовки. Одигравме и неколку контролни натпревари на кои од различни причини не бевме комплетни, но овие мечеви ни послужија за кревање на формата пред стартот на вториот дел од сезоната. Нема сомнеж дека сакаме да се прикажеме во уште подобро светло, да одиграме поквалитетно и да забележиме подобри резултати во периодот што следи“, вели тренерот Боро Даскаловски.

Пелистер во меѓувреме донесе нов кошаркар, Американецот Брендан Џенкинс кој треба да биде големо засилување за „зелено-белите“.

„Брендан тренира со нас, очигледно е дека станува збор за исклучително квалитетен кошаркар. Мал проблем е што е надвор од натпреварувачки ритам бидејќи последниот меч го има одиграно пред околу три месеци, но и тоа ќе биде решено и очекуваме тој да биде од голема помош во вториот дел од сезоната“, истакнува Даскаловски.

Пелистер на првиот овосезонски дуел го совлада Работнички во Скопје со убедливи 75-115. Слично како и пред тој меч, противникот од Скопје повторно се соочува со проблеми и ослабен ростер, но фокусот на Даскаловски е исклучиво насочен кон играта на Пелистер.

„Нашиот став е јасен, секогаш да ја играме нашата игра, да го наметнеме темпото што ние го посакуваме, без оглед кој е на спротивната страна. Не сакам да ги гледам ниту да ги коментирам проблемите на противниците, бидејќи за мене како тренер најважно е како функционира мојот тим. На дуелот со Работнички, но и на сите други до крајот на сезонава ќе настојуваме да забележиме победа, да стигнеме до што подобар пласман и потоа да се бориме во плејофот. Тоа е зацртаната цел од самиот старт на сезоната и не отстапуваме“, порачува шефот на стручниот штаб на Пелистер.

Се вчитува...