Даскаловски: МЗТ е ривал што го почитуваме, но сакаме триумф во Битола

Пеколниот ритам на натпревари на Пелистер продолжува со вечерашното дерби против актуелниот шампион МЗТ Скопје (20 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола). „Зелено-белите“ имаат перфектни пет победи на првите пет средби на домашната сцена, но вечерашниот предизвик е најголемиот досега, само по себе и желбата за триумф над „металците“ е на највисоко ниво.

Тренерот Боро Даскаловски е свесен дека главен предизвик ќе му биде да го извлече најдоброто од тимот што цел месец игра во пеколен ритам поради настапот во ФИБА Европа купот.

„Пред нас е меч со исклучително квалитетен тим, ривал што го почитуваме, но секако ќе сториме се за да славиме. Она што ќе биде најважно за нас е да одиграме со висока енергија и во нападот и во одбраната, што не е нималку лесно по тешки средби што ги имавме на европската сцена. Се соочувавме и со повреди и со болест на дел од играчите, но дербито е меч што секогаш го вади најдоброто и што мотивира, па верувам дека ќе успееме да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Секако, ќе треба да покажеме и дисциплина во играта, да го спроведеме планот и да не правиме наивни грешки како на последните натпревари“, вели Даскаловски.

Искусниот стратег има само пофални зборови за денешниот ривал, клуб што повеќе од една деценија доминира на домашната сцена.

„МЗТ Скопје е тим што има костур од исклучително квалитетни домашни играчи. Тука е Војдан Стојановски, кој иако има 38 години покажува дека се уште е играч од највисока класа… крај него се и Дамјан, потоа Магдевски, Бојан Крстевски, како и помладите Петков и Андоноски и квалитетни странски кошаркари. Како што реков, играме против исклучително квалитетен противник што го респектираме, но ќе сториме се за пред нашата публика да славиме во ова големо дерби“, истакнува тренерот на Пелистер.

Се вчитува...