Играчот за врска на Шпанија Давид Силва, поради лични проблеми доби дозвола да го напушти тренинг кампот на шпанската селекција во Абу Даби. Силва нема да настапи против репрезентацијата на Аргентина во пријателскиот меч на 27. март. Искуниот плејмејкер вчера се најде во стартниот состав против актуелниот светски првак Германија и учестуваше во спектаклот до 71. минута, мечот кој заврши без победник при конечни 1-1.
Иако деталите за неговото заминување не се откриени, се претпоставува дека се работи за неговото дете кое се роди пред време и се уште се бори за живот. Шпанецот поради истите причини отсуствуваше и на неколку натпревари на Сити сезонава, откако во јануари ги откри сите информации околу состојбата на неговиот син Матео.
Манчестер сити на 31. март продолжува со походот во Премиер – лигата против Евертон, а засега не е познато дали Силва ќе се врати во тимот до тогаш или пак „граѓаните“ ќе бараат три бода и без него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА