Првиот настап во новата сезона на ТЦР Европа за македонскиот пилот Виктор Давидовски од „ПСС рејсинг тим“ донесе ситуации кои секој ќе посака да ги заборави.
Новиот формат на гран при викендот ги позиционираше квалификациите само во сабота, а поради големата мешаница од триесетина возила (трката се бодуваше и за првенствата на ТЦР Источна Европа и ТЦР Бенелукс) резултатите беа оптоварени од разните случки. Така, Давидовски откако избори пласман на 19. место, се соочи со бришење на најдоброто време и поттурнување на 26 стартна позиција.
„Одлучивме стратешки да се фокусираме на втората трка, а во првата да возиме порезервирано и да сочекаме епилог од евентуалната мешаница. Сепак, на асфалтот делуваше како сите да ја имаат истата стратегија. Ние видовме дека меѓу првите дванаесет има осуммина со возила на Хјундаи и дека тие се фаворизирани на оваа патека, па се обидовме без многу ризици да го сочуваме возилото и да го доработиме штелувањето за втората трка. Во тие моменти, среќата ни го сврте грбот бидејќи временските услови почнаа да се менуваат и почна да се заканува дожд. На стартот успеав да престигнам неколку возила, а потоа уште неколку во текот на првиот круг. Возејќи на 17 место се надевав да влезам во зоната за освојување на бодови (топ15), но тогаш заврна. Тоа ни ја поремети стратегијата и одигравме карта „се или ништо“ со промена на пневматиците од суво за дожд, на само шест минути пред крајот. Но, повторно немавме среќа и дождот одеднаш престана. Така, во двете трки прокниживме идентичен пласман на 24 место, иако тоа беа два сосема различни настапи. Очекувам на следната трка во Хокенхајм да имаме поинаков распоред на силите и да ги оствариме плановите, со борба за позиции кои носат бодови“, изјави Давидовски.
Вториот гран при викенд од шампионатот ТЦР Европа повторно ќе биде сочинет од две трки кои ќе се возат на 26 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА