Јорданчо Давитков ја одржа првата прес-конференција како селектор на Македонија, десет години по неговото заминување од нашата држава на печалба во Кувајт и во Дубаи. Искусниот стратег е свесен за големината на предизвикот, но сепак очекува со напорна работа да се оствари целта – пласман во квалификациите за ЕП 2019.
„По десет години повторно сум дел од македонската кошарка. Состојбата во репрезентацијата е деликатна и сите заедно ќе треба да работиме за да го вратиме националниот тим онаму каде што припаѓа. И кога првпат бев селектор, 2004/2005, и тогаш ситуацијата беше многу тешка, сега исто така состојбата е далеку од идеална. Ако некој каже дека пред нас се Естонија и Косово и дека ќе имаме лесна задача, ќе се лаже. Се уверивме и лани, се велеше дека Велика Британија и Унгарија се лесни противници, видовме дека не е така. Веќе нема слаби репрезентации, свесни сме за тоа и ќе сториме се за да стигнеме до пласман во квалификациите за СП, што само по себе значи и место во квалификациите за следното Европско Првенство“ – истакна Давитков.
Селекторот потенцираше дека главен проблем за Македонија ќе биде ростерот што тој ќе го има на располагање.
„Не се проблем противниците, колку што е проблем нашата репрезентација, да видиме со кои играчи ќе настапиме и колку ќе бидат подготвени. Се надевам дека во овие 40 дена ќе ја подобриме атмосферата и ќе го оствариме резултатот што се очекува од нас. Мораме крајно сериозно да ја сфатиме состојбата, напорно да работиме и да ја вратиме кошарката каде што припаѓа“ – вели Јорданчо Давитков.
Кормиларот на националниот тим откри и детали околу Перо Антиќ и евентуалниот камбек на поранешниот капитен во репрезентацијата“
„Процедурата за добивање пасош на Џордан Теодор е во тек и очекувам тој да се појави на подготовките со мало задоцнување. Мекејлеб е резервна варијанта доколку нешто се искомпликува. Со Чековски е разговарано неколку пати и остануваме на „стенд-бај“ ситуација дека би можел да помогне, иако ништо не е дефинитивно. Перо Антиќ ќе се појави вечерва на првата прозивка во 19 часот и ќе можете да го прашате директно. Ситуацијата е таква – тој би сакал да помогне во оваа тешка ситуација, има повреда што ја влече незгодно време, побара уште еден одреден период на време за да види кога ќе може да се врати. Тој би сакал да помогне, дали ќе помогне и колку ќе помогне ќе видиме“ – изјави Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА