Кошаркарите ја потврдија разликата во класи во однос на Романија и заслужено славеа со 14 поени разлика, правејќи уште еден голем чекор напред за освојување на првото место во оваа претквалификациска рунда. Селекторот Јорданчо Давитков имаше причина за задоволство по уште една добра партија и заслужена победа на неговите избраници.
„Најтешко се добиваат добиени натпревари. Се доби впечаток дека со самото појавување на терен ќе ја победиме Романија, иако предупредував на таков проблем. Почнавме многу млако во првите пет-шест минути, но првото полувреме ни создаваа проблеми и со офанзивните скокови, но потоа ги решивме тие работи. Тие почнаа да погодуваат отворени шутеви, но сепак ние бевме селекцијата со контрола над резултатот и сметам дека овие 14 поени се реален исход. Ако некој пред седум дена ни ги понудеше овие два резултати сигурно ќе прифатевме, одлично си ја одработевме задачата, дојде и Хендрикс да ни помогне, севкупно гледано морам да бидам задоволен. Мислам дека сме на добар пат да се најдеме меѓу тие 32 селекции во главните квалификации, а очекувам таму да биде многу полесно бидејќи на ЕП одат најдобрите три селекции од групите од по четири репрезентации“ – изјави Давитков.
Тој е свесен дека ништо не е готово и работата во овој циклус мора да се доврши на наредните две среди.
„Не ни е обезбедено буквално ништо со овие две победи, ништо не е готово. Целта останува иста, пред нас е тежок меч против еден незгоден состав како Косово, а потоа и против Романија каде исто така ќе одиме на победа и не не интересираат било какви други математики“ – порачува македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА