Јорданчо Давитков може да биде задоволен од триумфот над нашиот источен сосед Бугарија пред домашната публика во Скопје (80-70). Со текот на подготовките се забележува подобрување во играта, па селекторот е среќен што тимот оствари победа без разлика што натпреварот е од пријателски карактер. Настап пред домашните навивачи секогаш има тежина. Давитков се заблагодари за поддршката од трибините, но се надева на поголем број поддржувачи на нашата репрезентација на следните средби.
„Првиот натпревар на домашен терен секогаш има своја тежина, некои играчи можеби беа малку импресионирани, но тоа е природно. Добро е што победивме, добро го отворивме мечот, солидно се браневме во првата четвртина, иако силата не беше на наша страна во продолжението. Се обидов да ротирам играчи колку што можев, некои се покажаа во добро светло, некои не, но и тоа е дел од подготовките, затоа сме и тука, за да ги надминеме тие пречки. Имаме уште натпревари по кои ќе знаеме кои ќе бидат дванаесетмината кои ќе настапуваат на квалификациите за СП. Сега подобро фунцкионираше одбраната, за разлика од мечевите со Словачка каде подобри бевме при нападите. Не користевме многу отворени шутеви, не ја движевме топката доволно брзо, но имавме и одлично сработени акции. Во секој случај, победа си е победа, без разлика во кои рамки го одигравме мечот. Следните три натпревари ќе ни бидат напорни бидејќи ќе се играат три дена по ред, и ќе ги притиснат играчите да покажат карактер и да го дадат својот максимум. Секако, со повеќе ротација ќе видиме со какви „оружја“ ќе атакуваме на квалификациите. Јас имам засега визија, но ќе почекаме да се одиграат овие три меча, па да донесеме конечна одлука“, истакна селекторот Давитков.
Искусниот стратег ги пофали ветераните Чековски и Тасовски за борбеноста, кои покажаа како се игра за анционалниот дрес, Давитков вели дека тие се пример за следните генерации.
„Чековски покажа како треба да се бори за оваа репрезентација. И тој и Тасовски се вистински борци и даваат тежина на овој тим. Уште еднаш им се заблагодарувам што се тука со нас и ни помагаат при секој чекор, тие се пример за следните генерации на кошаркари“, додаде Давитков.
Во „Вип“ арената за прв пат заигра и новиот миленик на навивачите, Џордан Теодор. Импресионираше со неговиот настап, иако не беше потполно подготвен, а селекторот само го потврди квалитетот на новиот репрезентативец.
„Без сомнение се работи за квалитетен играч. Не беше комплетно подготвен, имаше мала повреда пред натпреварот, но сакаше да игра. Не можев да му го скратам тоа задоволство, а тој придонесе многу за времето кое го помина на теренот. Одново му се случи мала повреда, но не е ништо сериозно. Сепак, се уште му треба време да се адаптира. Полека се запознава со соиграчите, треба само да ги почувствува каде се на теренот, тоа е нели најважното за организатор на играта. Веќе има напредок на тоа поле и сигурно ќе ни биде од голема корист во иднина“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА