Давитков освои се што можеше, па си замина од Квадсија

Доскорешниот македонски селектор Јорданчо Давитков си замина од клупата на Квадсија по шест успешни години во кои нашиот стратег ја водеше оваа екипа од Кувајт. Давитков во изминатиот период освои седум трофеи (четири титули, два Купа на Кувајт и еден меѓународен трофеј), но во ситуација кога сезоната е во прекин беше постигнат договор за прекин на соработката.

„Имавме добра сезона, бевме второпласирани, но потоа дојде до прекин поради коронавирусот. Јас секако имав договор до крајот на сезонава, а со оглед на неизвесноста околу пандемијата мислам дека најдобро за двете страни е да се раскине договорот. Сега ќе чекам да се отвори можност и да се вратам назад во Македонија, а на луѓето од Квадсија, сите кошаркари, директори и на навивачите им посакувам се најдобро“, вели Давитков за ЕКИПА.

Тој засега не брза со одлуката околу следните ангажмани во кариерата, а нема сомнеж дека ќе добие интересни понуди од клубови од Азија.

„Во моментов владее голема несигурност бидејќи не се знае кога и како би продолжиле шампионатите. Минав успешни 12 години во овој дел од светот, по шест во Кувајт и во Дубаи, така што верувам дека ќе немам проблем да најдам нов ангажман. Клуб во Македонија? Засега не би говорел на оваа тема, сакам само да се вратам и да одморам малку, а кога ќе дојде време ќе размислувам за следните чекори“, истакнува Давитков.

Се вчитува...