Јорданчо Давитков е главен фаворит во трката за нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација и неговиот камбек на клупата на националниот тим би требало да се официјализира во следните десетина дена. ЕКИПА дознава дека токму долгогодишниот капитен на Работнички сега е во преден план во изборот за селектор, Давитков во изминатиот период разговарал на оваа тема со претседателот на МКФ, Петар Наумоски, при што двете страни изразиле подготвеност за соработка.
Наумоски во текот на викендот имаше состанок со шефот на стручниот штаб на Фени индустри, Љупчо Малинков, но на истиот првиот човек на МКФ воопшто не испратил конкретна понуда до младиот стручњак. Очигледно е дека раководството на МКФ инсистира што поскоро да го реши селекторското прашање, а според нашите информации Давитков е стручњакот што се наоѓа најблизу до конечен договор со Петар Наумоски. Станува збор за стратег кој ја водеше македонската репрезентација во периодот од 2001 до 2007 година, кога помогна „црвено-жолтите“ од Б дивизијата да се вратат во елитното европско кошаркарско друшто.
Давитков во меѓувреме ги водеше и екипите на Работнички, Никол фест, Балкан стил и Струмица, а по заминувањето од националниот тим тој реши да се пресели во Кувајт. Македонецот освои бројни трофеи, извесно време беше и селектор на Кувајт, а пред извесно време се пресели во Дубаи, каде е тренер на тимот на Ал Шааб. Останува да се види дали камбекот на клупата на Македонија ќе значи и негов ангажман само за време на квалификациите, или Давитков дефинитивно ќе се врати во мак-баскетот.
Македонија во текот на летото ја очекуваат претквалификациите за СП 2019 во Кина, во кои „црвено-жолтите“ се наоѓаат во иста група со Естонија и со Косово, при што првите две селекции обезбедуваат пласман во главните квалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА