Македонскиот селектор Јорданчо Давитков е задоволен од текот на подготовките на кошаркарската репрезентација за претквалификацискиот турнир за пласман на СП 2019.
Давитков деновиве очекува докомплетирање на националниот тим, па заедно и со Џордан Теодор кој ќе се приклучи директно во Маврово, да се стартува со поактивната фаза од подготовките.
„Во секој случај добро минуваат подготовките и покрај тоа што го имавме тој пех со Марко Симоновски, кој ја обнови старата повреда, па тој и дефинитивно отпадна за овие претквалификации… Повредите ни прават проблем. Симоновски отпадна, и Стајиќ има мала повреда, но ќе направиме се од себе за успешни подготовки и секако позитивни претквалификации“ – вели Давитков, притоа дополнувајќи:
„Од се останато секако сум задоволен, од пристапот кон тренинзите и начинот на кој кошаркарите им приоѓаат. Останува уште во овие неколку денови пред заминувањето за Маврово да се докомплетираме, денеска треба и Димче Тасовски да се приклучи, како и Војдан Стојановски. Во Маврово го очекуваме приклучувањето и на Џордан Теодор“.
А, ситуацијата околу Перо Антиќ?
„Нема никаква новина. Антиќ секако изрази желба да помогне во одредена фаза доколку биде неопходно, но засега се е статус-кво. Ќе видиме дополнително дали и кога би се приклучил ако е потребно“ – вели селекторот Јорданчо Давитков.
На денешниот претпладневен тренинг во СЦ „Борис Трајковски“ поради неопходни лекарски прегледи не присуствуваше Ѓорѓи Чековски, кој продолжува со тренинзите од попладневниот тренинг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА