Македонската кошаркарска репрезентација е подготвена за предизвикот на почетокот од претквалификациите за СП 2019. Нашиот национален тим првиот меч го игра в среда на гостински терен против Косово, меч на кој победа широко би ги отворила вратите кон следната фаза од квалификациите.
„Поминаа 40-ина дена од стартот на подготовките. Во овој период го одработевме тоа што требаше да се одработи. Сигурно не сме 100% спремни за натпреварите, но сметам дека сме подготвени со една додатна желба од играчите да стигнеме до она што го сакаме – пласман во главните квалификации за СП 2019. Не го гледам мечот со Косово одделно, сите средби се подеднакво важни за да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Не се сложувам дека овој прв меч е најзначаен, за нас најзначајно е по последниот дуел во Естонија на 16 август да бидеме пласирани во квалификациите за СП“ – изјави македонскиот селектор Јорданчо Давитков.
Кормиларот на нашиот национален тим се соочува со проблеми на стартот на овој квалификациски циклус, на кој нема да може да смета на услугите на Стајиќ и на Крстевски.
Давитков очекува тешка битка на премиерниот дуел во Косово, на кој многу важно ќе биде нашите кошаркари да се адаптираат што поскоро на судискиот критериум.
„Сите знаеме дека пред нас е тежок натпревар, во кој ќе има притисоци од сите страни. Колку што имам информации, салата е распродадена, ќе има притисок од трибините, ќе видиме каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме на се, да одиграме како што знаеме, пред се во одбраната. Косово не е премногу квалитетна селекција, но од друга страна не е ниту ривал што треба да се потцени. Тие се особено опасни на домашен терен, каде понесени од публиката можат да одиграат многу добро. Наше е да ја повториме играта во одбраната од контролните средби во Скопје, ако успееме во тоа ќе завршиме голем дел од работата. Во нападот немаат дефанзивен капацитет со кој можат да ги сопрат нашите најдобри играчи. Најважно од се е да останеме мирни и фокусирани, да не дозволиме да бидеме исфрлени од ритам“ – истакна македонскиот селектор.
Тој ги повика македонските фанови да дојдат во што поголем број за домашните натпревари.
„Овие играчи заслужуваат поддршка и ги повикувам навивачите да дојдат и да ја бодрат репрезентацијата, како против Естонија, така и против Косово, да не се дозволи тој меч во Скопје да го играме како на гостински терен“ – порачува Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА