Кевин де Бруине одигра клучна улога во вчерашниот голем триумф на Манчестер Сити против Њукасл, откако „граѓаните“ токму по влегувањето на белгискиот генијалец направија пресврт и стигнаа до трите бода (од 2-1 до 2-3).
Де Бруине најпрвин стрелаше прецизно за 2-2, а потоа во самиот финиш асистираше до Боб за победничкиот погодок за Сити. Токму со оваа асистенција Белгиецот се израмни со Вејн Руни на третото место на најдобрите асистенти во историјата на Премиер-лигата. Двајцата во моментов имаат по 103 додавања за погодок, а Де Бруине на листата пред себе има само уште две премиерлигашки легенди.
Второпласиран на оваа листа е Цеск Фабрегас со само осум асистенции повеќе од бројката што моментно ја има Де Бруине, па големи се шансите белгискиот фудбалер да го стигне екс-капитенот на Арсенал уште во текот на оваа сезона.
Многу потешко ќе биде да се стигне апсолутниот рекордер Рајан Гигс, кој има вкупно 162 асистенции во Премиер-лигата во дресот на Манчестер Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА