Кевин де Бруине го очекува уште подолга пауза од фудбалските терени по тешката повреда што белгискиот ас ја заработи на дербито против Интер изминатиот викенд.
Големиот ас го повреди мускулот постигнувајќи гол од пенал и веднаш стана јасно дека проблемот не е наивен, Де Бруине не можеше ниту да згазне на ногата, а првите прогнози говореа за пауза од два месеци. Сепак, деталните прегледи утврдија уште посериозен проблем, Белгиецот веднаш замина на операција во татковината, од каде денеска пристигна уште полоша вест за „наполитанците“ – паузата на најголемото летно засилување ќе изнесува најмалку четири месеци.
Операцијата на мускулот на десната нога е оценета како целосно успешна, но веќе никој не говори за камбек на Де Бруине во првите два месеци од новата година. Планот е тој да почне со натпревари најрано во март, а потоа да се дозира минутажата и формата во зависност од физичката состојба, за Де Бруине да биде стопроцентно „фит“ за СП 2026.
Останува да се види како ќе се снајде Наполи без својата најголема ѕвезда, но и дали Елиф Елмас ќе добива поголема минутажа во ситуација кога Конте не може да смета на белгискиот ас на средината од теренот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

