Кевин де Бруине одби и финансиски далеку побогати понуди за да потпише за Наполи, пред се поради желбата за докажување дека се уште може да игра на највисоко ниво во европскиот фудбал и да освојува трофеи и со својот нов клуб.
Белгиецот ќе биде клучен играч во средниот ред на „наполитанците“, но лесно може да се случи да не биде единствено засилување од Манчестер Сити во овој преоден рок. Имено, информациите од Италија говорат дека Де Бруине веќе разговарал со претседателот Де Лаурентис и со тренерот Конте за можноста во Неапол да пристигне и неговиот доскорешен соиграч Џек Грилиш.
Крилниот офанзивец се наоѓа во немилост на тренерот Гвардиола и воопшто не отпатува со „граѓаните“ за САД на клупскиот мундијал, како јасна порака што поскоро да си најде нов клуб. Како играч што минал повеќе години крај него, Де Бруине верува дека Грилиш одлично би се вклопил во италијанскиот фудбал и во тимот на Наполи, предлагајќи неговиот нов клуб да почне преговори со Сити.
Со оглед на ладниот став на „граѓаните“, се очекува и цената на Грилиш значително да падне од оние 100 милиони што беа платени на Астон Вила за овој фудбалер. Наполи би можел да ја прифати оваа сугестија на новата суперѕвезда ако се знае дека новиот италијански првак не ја пополни соодветно дупката во тимот по продажбата на Кварацхелија во ПСЖ во јануарскиот преоден рок, а Грилиш е играч што настапува на истата позиција како и Грузиецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

