Де Бруине си оди од Манчестер сити и го напушта европскиот фудбал

Кевин де Бруине веќе донесе одлука за својата иднина, белгискиот репрезентативец нема да потпише нов договор со Манчестер Сити, туку следното лето како слободен играч ќе си замине од таборот на повеќекратниот англиски првак. Белгиецот ги мина најубавите денови во кариерата бранејќи ги боите на тимот на Пеп Гвардиола, но честите повреди во последните две години придонесоа тој да не може да влезе во посакуваниот ритам.

Тоа се одрази и врз преговорите за нов договор, па раководството на Сити ја намали понудата за продолжување на соработката, преговорите беа прекинати и воопшто не продолжија до ден денеска. Белгиецот минатото лето беше повреден, што се одрази на шансите да биде продаден и англискиот првак да заработи на неговиот трансфер, па Де Бруине ќе може без никаква отштета да ја избере следната дестинација во кариерата.

Извори блиски до плејмејкерот тврдат дека тој од почит кон Манчестер Сити нема да настапува за друг европски клуб, а приоритет им дава на понудите надвор од „стариот континент“. Клубовите од Саудиска Арабија го посакуваат Белгиецот во своите редови, Кристијано Роналдо лично го контактирал за да му се приклучи во Ал Наср, но последните информации говорат дека Де Бруине би можел да се пресели во американската МЛС-лига.

Управата на Сан Диего е сериозно загреана за да го доведе асот на Манчестер Сити во своите редови, преговорите се веќе почнати и Де Бруине добил навистина примамлива понуда, но побарал време за да размисли пред да ја донесе конечната одлука, каде ќе настапува по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона.

Се вчитува...