Де Бур добива отказ: Се посрамотивме поради глупавоста на селекторот

Франк де Бур дефинитивно ќе добие отказ од селекторската функција во холандската репрезентација, по вчерашното фијаско и поразот од Чешка во осминафиналето од ЕВРО 2020.

Селекторот беше критикуван поради тврдоглавото инсистирање на формацијата 5-3-2, која според холандската јавност не само што е несвојствена за „лалињата“, туку и не може да го извлече максимумот од фудбалерите кои Де Бур ги имаше на располагање. Критиките за момент стивнаа по трите победи во групната фаза, но вчерашниот пораз од Чешка значеше и отворање на нов фронт против Франк де Бур.

„Се посрамотивме поради глупавоста на селекторот“, гласи еден од насловите на тиражниот весник „Де Телеграф“, кој важи за еден од најжестоките критичари на кормиларот на националниот тим.

Нападите од медиумите не се толку голем проблем колку незадоволството на раководството на федерацијата од методите на работа на селекторот, кој на оваа функција го наследи Роналд Куман по неговото заминување во Барселона.

Се најавува дека најдоцна до крајот на оваа седмица највисокото раководство на федерацијата ќе одржи состанок на кој официјално ќе биде прекината соработката со Франк де Бур и ќе почне потрагата по нов селектор.

Се вчитува...