Де Хеа брани одлично, ама и си се цени: Шпанскиот голман бара неделна плата од 350.000 фунти?!

Давид де Хеа е веројатно најдобриот поединец во редовите на Манчестер јунајтед оваа сезона, а тоа сака и добро да го наплати. Шпанскиот голман со својот агент отпочна преговори за продолжување на својот престој на „Олд трафорд“, а за новата верност бара да биде најплатен играч меѓу „црвените ѓаволи“. Поточно, Де Хеа бара неделна плата од 350.000 фунти, колку што во моментов има и чилеанскиот интернационалец Алексис Санчез, кој оваа зима дојде од редовите на Арсенал.

Давид де Хеа има уште 18 месеци од неговиот актуелен договор со Манчестер јунајтед, а тоа значи дека ако раководството на клубот не постигне „дил“ за продолжување на соработката, ќе мора да го продаде претстојното лето. Во спротивно, тој во 2019 година би можел да си замине како слободен агент.

Де Хеа во моментов е најплатен голман во светот со неделна плата од 200.000 фунти, заед него е Мануел Нојер со 135.000 фунти, а на третото место е Тибо Куртоа со неделни примања од 120.000 фунти. Но, Белгиецот исто така преговара со Челси за нов договор и многу подобри услови во иднина.

 

Се вчитува...