Давид де Хеа допатува во Русија со надеж дека ќе го потврди реномето како еден од најдобрите светски голмани, но асот на Манчестер јунајтед по две одиграни кола е единствениот чувар на мрежата кој на терените ширум Русија немал ниту една единствена интервенција. Досега на ова СП видовме на дело 33 голмани, секој од нив имаше барем по една успешна одбрана, освен шпанскиот репрезентативец Де Хеа.
Имено, Давид Де Хеа прими три гола од исто толку шутеви на дуелот со Португалија, при што вториот беше негова директна вина. Тој не одбрани ниту еден обид на актуелните европски шампиони во првото коло, додека во втората рунда Шпанецот немаше никаква работа бидејќи Иран не упати ниту еден удар кон неговиот гол.
Мексиканецот Очоа засега е „највреден“ голман на шампионатот со дури 14 успешни интервенции, пред Каспер Шмајхел од Данска со десет и Кејлор Навас од Костарика со осум.
Максимален ефект досега имаат Уругваецот Фернандо Муслера, кој ги одбрани шесте удари упатени кон неговиот гол, како и Даниел Субашиќ од Хрватска, кој има пет одбрани и ниту еден примен гол на овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА