Де ла Фуенте заминува од клупата на Шпанија за да го води САД?

Шпанија стигна до рекордната четврта титула на Европските првенства откако во големото финале одиграно во Берлин славеше над Англија со 2-1 благодарение на перфектно изведена акција пред самиот крај на средбата која Ојарзабал ја претвори во гол.

Шпанците ЕВРО 2024 го завршуваат со уште неколку рекорди откако станаа единствените во историјата кои успеаја да го освојат шампионатот со триумфи без изведување на пенали, а притоа постигнаа 15 голови. Еден од најзаслужните за овој успех е селекторот Луис де ла Фуенте.

63-годишниот Шпанец кој претходно беше младински шампион со генерациите до 19 и 21 година го превзема сениорскиот тим во јануари 2023 година и големиот успех го преслика и на најголемата сцена, но сега би можел да замине од селекторското место, пренесуваат американските медиуми.

Имено, како еден од најслабо платените селектори со годишна плата од 600 илјади евра тој бара нов ангажман, а според угледниот „Вашингтон Пост“ негови претставници веќе ја контактирале репрезентацијата на САД за да го наследи Грег Берхалтер.

Се вчитува...