Првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис, ја отвори вратата за Антонио Конте да се врати на клупата на италијанската репрезентација доколку трофејниот стратег покаже интерес за такво нешто.
Конте летово ќе има уште две години од актуелниот договор со „наполитанците“, но Де Лаурентис јасно стави до знаење дека нема да стои на неговиот пат ако тој се реши на таква одлука.
Италија ќе избира нов селектор дури по 22 јуни, за кога е закажано собранието за избор на ново раководство на федерацијата, а Де Лаурентис се сомнева дека Конте воопшто би прифатил да работи во хаос каков што моментно владее во италијанскиот националлен тим.
„Ако Антонио сака да стане селектор, дојде и побара од мене такво нешто, ќе му дозволам бидејќи не сакам да му стојам на патот на човек кој сака да му помогне на италијанскиот фудбал. Сепак, ако ме прашувате дали верувам дека такво нешто ќе се случи, слободно ќе кажам дека е речиси неверојатно. Конте е исклучително интелигентен, знае да процени ситуации и верувам дека ќе се дистанцира од самата идеја да биде дел од вртење на нов лист, почеток на нешто што досега било така хаотично и неорганизирано“, истакна Де Лаурентис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

