Де Лаурентис: Елмас е наша цел, но на трансферот ќе се почека…

И покрај најавите од страна на италијанските медиуми за брза промоција на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во дресот на Наполи, сепак првиот човек на клубот Аурелио Де Лаурентис вели дека на евентуалниот трансфер ќе се почека и покрај тоа што не се крие од јавноста интересот за македонскиот фудбалски дијамант.

Наполи веќе постигнал договор со Фенербахче за откуп на договорот на Елмас за 15 милиони евра, но според Де Лаурентис на тоа ќе се почека затоа што приоритет за Наполи во моментов е ослободување од непотребните фудбалери.

„Да, точно е дека наша цел е Елмас кој е интересен, талентиран фудбалер. Не може да негирам дека огромно е нашето внимание кон него. Но, наш приоритет најпрво е да се ослободиме од дел од играчите затоа што тимот е пренатрупен. А, секогаш е лошо за еден тим кога има вишок непотребни фудбалери. Кога ќе ја редуцираме групата тогаш ќе следат и засилувањата. Разговараме за Елмас, но на промоцијата ќе почекаме“ – вели Де Лаурентис во поопширно интервју за „Кориере дело спорт“.

Се вчитува...