Лоренцо Инсиње е се поблиску до заминување од Наполи на крајот од сезонава откако управата на клубот повторно ги одби барањата што капитенот на „наполитанците“ ги има за да потпише нов договор со оваа екипа.
Договорот на Инсиње истекува на крајот од сезонава и тој летово може да си замине како слободен играч, а претседателот Де Лаурентис ја отвора вратата за тоа да се случи откако првиот човек на Наполи јасно стави до знаење дека нема намера да му ги понуди условите што фудбалерот е подготвен да ги прифати.
Инсиње инсистира на шест милиони евра годишна плата, сума што како слободен играч без проблем би ја добил во некој друг клуб. Сепак, ставот на Де Лаурентис останува идентичен – максималната плата што овој играч може да ја добие е пет милиони евра по сезона. Воедно, Наполи не би му платил на Инсиње бонус за самиот потпис на договорот, нешто што е вообичаено во светот на врвниот фудбал.
Извори блиски до капитенот тврдат дека Инсиње е разочаран и почнува да ги разгледува останатите опции за продолжување на кариерата. Интер не ја крие желбата да го ангажира големиот ас на лутиот ривал, а како опција се споменува и тимот на Торонто во МЛС-лигата, кој во Инсиње гледа идеален наследник на Себастијан Џовинко (екс-играчот на Јуве со голем успех настапуваше за овој тим од 2015 до 2019 година).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА