Наполи лани стигна до историска титула, но „сино-белите“ сезонава играат катастрофално и веќе е јасно дека нема да обезбедат место во Лигата на Шампионите.
Одлуката Гарсија да го наследи Спалети се покажа како големо промашување, па „наполитанците“ сезонава сменија тројца тренери, но ниту еден од нив не успеа да го разбуди шампионот на Италија. Поради ова, претседателот Аурелио де Лаурентис е решен да доведе врвен стратег за наредната сезона, а на врвот од неговата листа со желби се наоѓа Антонио Конте.
Преговорите со трофејниот стручњак почнаа пред извесно време, но проблем беше превисоката плата што ја бара Конте, двојно повеќе од она што го земаше Гарсија на стартот од сезонава. Де Лаурентис не се откажува, па веќе закажал нова рунда преговори со поранешниот стратег на Јувентус и Интер. Планот е Конте да добие нешто повисока плата од онаа на Гарсија, но и да има клаузули со дополнителни бонуси, за секое обезбедно учество во ЛШ, па и потоа за секој пласман во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.
Трофејниот стратег се уште тактизира поради фактот дека Наполи летово ќе остане без Осимен, а Де Лаурентис тешко дека ќе потроши богатство на нови фудбалери со кои би бил составен нов шампионски тим. Сепак, откако не се договори со Милан овој стручњак нема премногу опции за продолжување на кариерата, па лесно би можело да се случи тој летово да се пресели во Неапол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА