Раководството на Наполи пред крајот на оваа сезона се активираше за задржување на своите најдобри фудбалери, па по потпишаниот нов договор со Лоренцо Инсиње ги финишираше и разговорите за задржување на Дрис Мертенс. Белгиецот има уште една година од актуелниот договор, разговорите за продолжување на соработката долго време не даваа резултат, за на крајот претседателот Де Лаурентис да попушти и да ги задоволи барањата на одличниот офанзивец.
Како што јавуваат италијанските медиуми, новиот договор на Мертенс ќе истекува во 2021 година, а белгискиот репрезентативец ќе добие и огромно зголемување на платата од сегашните 1,2 милиони на 4,5 милиони евра по сезона. Тој нема да биде најплатен фудбалер во Наполи (Инсиње со новиот договор заработува по пет милиони), но ќе зема поголема плата од капитенот Марек Хамшик, кој заработува 3,5 милиони евра годишно.
Во договорот изненадувачки ќе има клаузула што му овозможува на Мертенс да си замине за отштета од 30 милиони евра, но само во клубови надвор од Италија. Оваа сума воопшто не е висока, па Жозе Мурињо би можел да ја плати за да го доведе белгискиот ас во Манчестер јунајтед за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА