Де Лаурентис: Само еден клуб има пари да го купи Осимен од Наполи

Виктор Осимен имаше сезона за паметење во Наполи, помагајќи му на овој клуб по повеќе од три децении да стигне до скудетото во Калчо-лигата.

Очекувано, неговата вредност на пазарот скокна, но „наполитанците“ прават се за да го задржат во своите редови – дополнително кревајќи ја сумата што ја бараат за трансфер на нигерискиот голгетер. На почетокот од јануари се најавуваше дека Осимен би си заминал ако некој плати 100 милиони евра за него, но откако Наполи стана шампион, претседателот Аурелио де Лаурентис сега не сака ни да разговара за сума пониска од 150 милиони евра.

„Она што јас лично го мислам е дека Виктор ќе остане во Наполи уште најмалку една година. Секако, тоа не можам да го тврдам со сигурност, но она што можам да го кажам е дека само еден клуб во моментов делува како да има пари да го купи Осимен од нас. Ако ПСЖ сака да го земе, Ал Келаифи ќе треба да испрати „пакет“ од околу 200 милиони евра. Ајде да видиме дали тоа ќе се случи“, изјави Де Лаурентис за „Медиасет“.

Доколку ПСЖ го продаде Мбапе тогаш „светците“ ќе тргнат во офанзива за потписот на Осимен. Сепак, иако ќе имаат доволно пари од продажбата, тешко е да се поверува дека Ал Келаифи ќе понуди толкаво богатство за еден фудбалер откако веќе се „изгоре“ во таквите ситуации со Нејмар и со Мбапе.

Се вчитува...