Роберто де Зерби до пред еден месец важеше за еден од најпосакуваните тренери во фудбалска Европа, но ситуацијата во изминатиот период неочекувано се промени.
Ливерпул се реши за Слот како поинаква опција, Јувентус го избра Тијаго Мота, додека Баерн Минхен дефинитивно нема да испраќа понуда за Де Зерби иако баварскиот гигант се мачи да најде наследник за Томас Тухел. Згора на тоа, Брајтон реши на крајот од сезонава да ја прекине соработката со овој стручњак, кој од денеска и официјално е без клуб.
„Не постои клуб со кој сум блиску до договор, вистината е дека немам добиено ниту една конкретна понуда. Во моментов нема ништо, не знам каде ќе работам следната сезона. Дефинитивно се надевам дека повторно ќе бидам дел од Премиер-лигата, не знам кога и во кој клуб, но за мене беше огромна чест да бидам дел од елитното англиско фудбалско друштво“, изјави Де Зерби.
Италијанецот оствари историски успех минатата сезона, кога Брајтон стигна до шестото место и обезбеди излез во Европа. Овој тим играше одличен фудбал во голем дел и од оваа натпреварувачка сезона, но серијата слаби резултати во последните месеци придонесе Брајтон да падне на десеттото место, а управата да се реши за тренерска смена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА