Дебакл на Словенија: Германците први најдоа лек за Дончиќ и компанија

Германија го освои првото место од групата К на Мундобаскет 2023 откако во дуелот на двете непоразени селекции успеа да триумфира над Словенија со убедливи 100-71. Германците успеаја да го неутрализираат Лука Дончиќ, а кога најдобриот словенечки кошаркар беше исфрлен од ритам целосно го скршија отпорот на противникот и стигнаа до заслужена победа.

Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Словенија по првата четвртина имаше огромни 14 поени предност, откако Словенците фуриозно ја завршија четвртината со серија од десет поени и резултатот на семафорот гласеше 11-25. Тоа беше само знак за будење за германските кошаркари, кои успеаја резултатски да се вратат, пред крајот на првото полувреме да го свртат резултатот во своја полза (38-34) на полувреме, а потоа со супериорно издание во вториот период да ги решат сите дилеми околу победникот, во еден момент поведувајќи со 61-42.

Словенија за момент во последната четвртина спушти до 12 поени разлика, но следеше нова серија на Германците за преубедливи „плус 29“.

Шредер со 24 поени беше најефикасен во германскиот состав, 14 поени реализираше Тајс, а 12 Бонга. Лука Дончиќ имаше 23 поени (шут од поле 9/22), со шест скока и шест асистенции за Словенија.

Се вчитува...