Во тешката, непредвидлива и турбулентна сезона, една од првите задачи кои ќе треба да ги исполни македонскиот ракометен првак, Вардар е да обезбеди учество на турнирот на четирите најдобри екипи во СЕХА лигата на патот кон одбрана на трофејот во регоналното натпреварување. Во Нашице, во првиот натпревар од четвртфиналето против Нексе (17.00) во тимот ќе бидат и новите имиња, Борко Ристовски и Марко Мишевски. За репрезентативниот голман ова ќе биде прв натпревар во СЕХА лигата.
„Иако ова ќе ми биде деби, СЕХА лигата ми е позната бидејќи постојано ја следам. Се среќаваме со Нексе, тимот кој додека бев во Бенфика го елиминиравме во ЕХФ Купот и ги знам многу добро. Ќе биде интересно, тие ќе направат се за да не изненадат и не мислам дека ќе не потценат. Ние сме европски шампиони и мислам дека ќе победиме. Сакам само да кажам дека тоа што сум туку ми значи многу, особено што имам можност да работам со Дејан Периќ кој прави многу за да им помогне на голманите на Вардар“ – вели Ристовски.
Евентуален проблем за Вардар може да биде тоа што Тимур Дибиров поради болест не беше во тренажен процес, но тренерот Стевче Алушовски порачува дека не се жалат и оти со полн состав ќе го бркаат пласманот на Ф4 турнирот.
„И покрај сите проблеми со кои што се соочуваме во моментов, ние сепак сме бранител на трофејот и во Нашице сме во полн состав. Го анализиравме Нексе, играат добро на домашен терен, имаат добар седум на шест напад, а солидни се и во одбрана. Имаат подолга клупа од нас, но јас верувам во мојот тим. Сакаме да победиме“ – порачува тренерот Алушовски.
Оваа сезона, Вардар против Нашице одигра две средби и има половичен биланс, убедлив пораз на гостувањето во Нашице кога славеше со 26-42 додека во „Јане Сандански“ беше подобар со 27-25. Возвратниот натпревар од четвртиналната фаза е по седум дена во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА