Василис Спанулис имаше деби од соништата на клупата на Монако, откако актуелниот грчки селектор се врати во татковината и на гостински терен го изненади европскиот првак Пантинаикос со 88-91.
Спанулис дефинитивно внесе позитивна енергија во таборот на „кнезовите“, кои во клучните моменти покажаа и зрелост и квалитет. На една минута до крајот резултатот гласеше „плус еден“ за ПАО, но тогаш работите во свои раце ги презеде Џордан Лојд, постигнувајќи пет поени во низа и носејќи ја победата на гостинскиот состав.
Алфа Диало беше одличен кај Монако со 24 поени и седум скокови, 15 постигна Лојд, а Мајк Џејмс имаше скромни 6 поени, но и 10 асистенции. Кај ПАО најзабележителен беше Лесор со 22 поени и 11 скокови, недоволно за да се избегне петтиот пораз сезонава на актуелниот европски првак.
Ефес беше непријатно изненаден на гостувањето во Франција против Асвел, губејќи со убедливи 97-82. Турскиот тим имаше предност по првите 20 минути, но второто полувреме го одигра катастрофално, Асвел го доби овој дел од мечот со 50-27 и заслужено стигна до победата.
Ловерњ беше најефикасен во победничкиот тим со 18 поени, а младиот Маледон го заврши натпреварот со 17 поени и 7 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА