„Дедо Мраз“ ги донесе уште пред 2020: Халанд, Ибрахимовиќ, Маскерано, Руни…

Јануарскиот преоден рок вообичаено е резервиран за „помали трансфери“, со оглед на „набиените цени“ на поквалитетните фудбалери кои најчесто се достапни за пониска отштета ако за нивни ангажман се почека до крајот на сезоната. Се преговара и за летни трансфери со играчите кои ќе бидат слободни во јуни (Кавани, Вилијан, Ериксен, Мертенс…), но дел од клубовите решија да го одврзат кесето и да доведат квалитетни засилувања за вториот дел од сезонава.

Златан Ибрахимовиќ се врати во Европа, ставајчи крај на својата американска авантура. Заинтересирани беа неколку клубови, но на крајот Ибракадабра реши да се врати во Милан и да се обиде да му помогне на овој клуб во обидот да се приближи на врвот на италијанскиот фудбал.

Ерлинг Халанд беше најпосакувано име меѓу европските гиганти, по извонредната полусезона во која младиот Норвежанец постигна вкупно 28 гола во дресот на Салцбург. Манчестер Јунајтед и Јувентус му нудеа подобри финансиски услови, но Халанд на крајот реши да замине во Борусија Дортмунд, тим каде што реално има најголема шанса да биде стандарден првотимец и да продолжи да се развива во вистинска насока.

Покрај Ибрахимовиќ, својата авантура во САД ја заврши и Вејн Руни, кој се врати назад во Англија. Не во Премиер-лигата, туку во Чемпионшип-дивизијата, во таборот на Дерби. „Овните“ се надеваа дека со англискиот голгетер ќе атакуваат на влез во Премиер-лигата, но според моментниот пласман на табелата поблиску се до зоната за испаѓање, отколку до плејофот за влез во елитата.

Хавиер Маскерано си замина од Кина и се врати назад во Аргентина, облекувајќи го дресот на Естудијантес, додека Марио Манџукиќ стави крај на кошмарните пет месеци во Јувентус заминувајќи во Катар, со потпис за екипата на Ал Духаил. Младиот Алења не се изнаигра во Барселона, па каталонскиот гигант уште пред крајот на декември се согласи на негова позајмица во Бетис.

Големо засилување однапред си осигура Баер Леверкузен, кој за 17 милиони евра го потпиша плејмејкерот на Ривер Плејт, Езекиел Паласиос, а зимава се активираше и европскиот првак Ливерпул, кој за девет милиони евра го потпиша Јапонецот Минамино од таборот на Салцбург.

Се вчитува...