Во просториите на Владата, денеска, се одржа работна средба со учесниците во изградбата на Домот на спортови во Скопје. Средбата ја водеа советниците за спорт на премиерот Заев, Ѓорги Тасев и Даниел Димевски, а присутни беа и директорот на АМС, Дарко Каевски, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, претседателот на МОК, Васил Тупурковски и претставници од АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје.
На работната средба се разговараше за нивото на досегашните исполнети обврски, но и за следните чекори кои треба да се преземат околу административните процедури и постапката за изградба на Домот на спортовите, како и за активностите кои ќе ги понуди овој спортски комплекс во чии рамки ќе бидат и олимпискиот дом, базен, отворени игралишта и фитнес зона.
На средбата беше заклучено дека ова е клучен проект во делот на спортската инфраструктура со цел обезбедување услови за непречена работа и функционирање на спортските федерации. Домот на спортовите ќе се гради на територија на општина Аеродром и за таа намена во првата фаза се обезбедени 75 милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија, а останатите средства ќе бидат обезбедени преку Македонскиот олимписки комитет.
Во рамките на овој процес, планирана е и консултативна средба со федерациите во врска со овој значаен објект, со кој се остава траен белег во делот на спортската инфраструктура.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА