Од Ф1 тимот на Мекларен објавија дека официјално е ставен крај на сите односи меѓу тимот и поранешниот извршен директор Рон Денис, кој веќе ги продал акциите во двете компании – „Мекларен Технолоџи“ и „Мекларен Аутомотив“. Новиот холдинг „Мекларен Груп“ ќе ги обедини двете компании во една, а извршен директор на новата компанија ќе биде шеикот Мохамед бин Еса Ал Калифа.
Според „Скај спорт“ од продажбата на акциите во Мекларен, Рон Денис ќе добие 275 милиони фунти. По 37 години минати во Мекларен, Рон Денис најави дека ќе почне со нови активности.
„Секогаш сум велел дека моите 37 години во Мекларен треба да се гледа како на едно поглавје во книгата на Мекларен. Оттука натаму им посакувам само успеси. Сега кога заврши мојата ера во Мекларен, може да почнам да се занимавам со други програми и активности. Јас сум горд што бев на чело на ваков тим толку долго време“ – изјави Рон Денис.
Разделбата меѓу Рон Денис и Мекларен доаѓа по серијата недоразбирања што ги имаше со поголемиот дел од акционерите околу начинот на управување и иднината на тимот.
Денис кариерата во авто-мото спортот ја почна во 60-те години како механичар во Купер, во 1981 година го презеде водството во Меклатен и беше шеф на тимот до 2009 година кога му ја предаде функцијата на Мартин Витмарш.
Во ерата на Рон денис, Мекларен ги забележа најголемите успеси во Формула 1, освои десет шампионски титули со Ники Лауда, Алан Прост, Аиртон Сена, Мика Хакинен и со Луис Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА