Македонскиот олимписки комитет денеска ги објави имињата на седумте спортисти, кандидати за настап на кои ќе им бидат финансирани плановите и програмите за остварување на норма за Летните олимписки игри во Париз 2024 година.
Листата на стипендисти очекувано ја предводи освојувачот на сребрен медал од игрите во Токио, таеквондистот Дејан Георгиевски. На листата се и неговата сестра Анамарија како и Филип Додевски (таеквондо), Магомедгаджи Омардибирович Нуров и Владимир Егоров – борење-слободен стил, Дарио Ивановски атлетика и Борјан Бранковски – спортско стрелаштво.
„Во соработка со Националните спортски федерации (НСФ) и во координација со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Меѓународните спортски федерации (МСФ), започнувајќи од 1 Јануари 2022 година па се до Олимписките игри во Париз 2024, врз основа на својата Олимписка таргетирана процесна реорганизација, МОК ќе ги финансира плановите и програмите на следните олимписки кандидати и нивните НСФ:
1. Дејан Георгиевски – Таеквондо / 1600 американски долари2. Магомедгаджи Омардибирович Нуров – Борење-слободен стил / 1300 американски долари3. Владимир Егоров – Борење-слободен стил / 1100 американски долари4. Филип Додевски – Таеквондо / 1100 американски долари5. Анамарија Георгиевска – Таеквондо / 800 американски долари6. Дарио Ивановски – Атлетика / 800 американски долари7. Борјан Бранковски – Спортско стрелаштво / 800 американски долари
Иако според новите правила, ИОК одобри максимум 5 (пет) спортисти за добивање на Олимписка стипендија, сепак МОК успеа да добие одобрение за 7 (седум) спортисти од поединечни спортови кои ќе бидат финансирани до ОИ ПАРИЗ 2024. Олимписката стипендија мора да послужи исклучиво како надополнување на претходно одобрениот и обезбеден финансиски план и финансиски средства за Олимписките кандидати обезбедени од страна на НСФ-ии. Секако оваа листа не е конечна бидејќи МОК и за другите спортисти, кои во меѓувреме ќе докажат со своите најдобри резултати дека евентуално ќе можат да освојат норма за учество на Олимписките игри ПАРИЗ 2024, ќе обезбеди финансиска помош која секако ќе биде надополнување на веќе обезбедените финансиски средства, кои НСФ-ии ги добиле од различни јавни и приватни извори“, стои во соопштението на МОК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА