Веднаш откако стана јасно дека Дејан Манасков летово ќе си замине од Некар Левен на адреса на македонскиот репрезентативец пристигнаа понуди од бројни клубови ширум Европа. Сепак, Веспрем по се изгледа ќе биде новиот клуб на нашиот крилен ракометар, откако Манасков начелно ги договорил условите за преселба во Унгарија. Ова го тврди порталот „Хендбол планет“, најавувајќи дека Манасков ќе го заземе местото во тимот на Герго Иваншик, кој ќе го напушти Веспрем по 17 години минати во овој клуб.
Веспрем најавува голем ремонт на тимот во текот на летото, откако веќе го договори доаѓањето на Љубомир Врањеш од Фленсбург за свој нов тренер. Врањеш на почетокот од сезонава се обидуваше да го доведе Манасков во Фленсбург, а трофејниот стратег не се откажува од Македонецот ниту во својот нов клуб. Веспрем во следниот период би требало да ги официјализира трансферите на француските репрезентативци Вилијам Акамбри и Кентин Мае, кои заедно со Манасков би требало да бидат најголеми засилувања на унгарскиот ракометен гигант за следната сезона.
Манасков е принуден да си замине од Некар Левен откако „лавовите“ пред неколку месеци го договорија доаѓањето на Џери Толбринг од Кристијанштад, кој ќе му прави друштво на искусниот Сигурдсон на позицијата лево крило во тимот каде тренер е Николај Јакобсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА