ЕКИПА во Клуж,
Билјана Б.Петрушева
Македонија има осум гола предност пред бараж-реваншот со Романија и отворена шанса за пласман на Светското првенство што ќе се одржи во јануари во Германија и Данска. Искуството, квалитетот и континуитетот во настапите на европските и на светските првенства дојде до полн израз на првиот меч во Скопје (32-24). А, се очекува така да биде и на утрешниот реванш во Клуж (17.30 ч.). Разликата во квалитетот е евидентна, но и претпазливоста и во македонскиот табор и респект за домаќинот.
„Имаме предност од осум гола и не треба да влеземе во натпреварот мислејќи како да ја одбраниме таа разлика, туку треба да се обидеме да победиме и да одиграме максимално. Ако го отвориме добро мечот, ако бидеме добри во првите 30 минути, мислам дека може да го завериме пласманот на СП“ – вели Дејан Манасков.
Романците и селекторот Чави Пасквал, сигурно ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен и да го поправат впечатокот. Но, тоа е нешто што се очекувано и предвидено од селекторот Раул Гонзалес и од македонските репрезентативци.
„Сигурно дека Романија може да одигра многу подобро од она што го прикажа на првиот меч во Скопје. Но, не мислам дека можат нештио драстично да променат. Можеби ќе бидат малку помотивирани, играат пред домашна публика. Во спортот нормално е да се обидеш, се надеваат и тие и затоа мора да бидеме подготвени на се. Да пружиме максимум утре и да го потврдиме пласманот на СП“ – потенцира Манасков.
Натпреварот Романија – Македонија се игра утре со почеток во 17.30 часот по македонско време, во салата „Хориа Демиан“ во Клуж, со капацитет од 2.500 гледачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА