Еден од најдобрите голмани во Европа во последните години и екс чувар на мрежата на Вардар Дејан Милосављев, потпиша договор со полскиот Киелце. Србинот доаѓа во Киелце после шест сезони минати во Фуксе Берлин, со кого играше финале во Лигата на шампионите, а му ја донесе и првата титула на клубот.
Милосављев минатата сезона беше рангиран на второто место по бројот на одбрани (166 во 19 натпревари или над 27%). Во тековната сезона има 120 одбрани во 15 меча.
„Финализирањето на трансферот на Дејан Милосављев, најдобриот голман во светот, е успех за целата заедница на Киелце и огромен спортски чекор за клубот. Тоа е резултат на довербата и поддршката од нашите спонзори , посветеноста на сопственикот на клубот и секојдневната работа на луѓето што го сочинуваат овој клуб “ , вели Павел Папај, вршител на должноста претседател на Киелце.
Милосављев ќе биде играч на Киелце од 1 јули 2026 година, а неговиот договор ќе биде до 2030 година. Србинот беше дел од Вардар во сезоната 2018-19 кога тимот по вторпат ја освои Лигата на шампионите, а има и титула во македонскиот шампионат, и во Сеха Лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

